Само ВМРО-ДПМНЕ најавува амандмани

На пленарната седница в понеделник Собранието во комплетен состав ќе му пристапи на третото читање на Законот за јазиците. Само ВМРО ДПМНЕ најавува амандмани. Не го знаат точниот број, но ќе поднесат на сите 19 членови на кои претседателот Иванов имаше забелешки. Партијата останува на ставот дека Законот е спротивен на Уставот и дека ја разбива кохезијата на македонското општество.

Жалам ако се враќаат во Собранието за да го оневозможат донесувањето на Законот за јазиците или да го изменат, вели Артан Груби. Верува дека дебатата по ова прашање трае доволно долго – со години, и дека против се само уште ВМРО ДПМНЕ и неколкумина професори.

БЕСА нема намера да поднесува амандмани иако не е целосно задоволна од текстот на законот.

Во СДСМ, се уште се разгледуваат забелешките на Иванов. Најавуваат дека до крајот на неделава, ќе соопштат дали ќе имаат амандмани на текстот на Законот. Откако претседателот одлучи да не го потпишува указот, Законот уште еднаш се врати во Собранието. За негово изгласување, сега се потребни најмалку 61 глас. Потоа, Иванов е должен да го стави својот потпис на указот. Владата најави дека веднаш потоа ќе го испрати на правни консултации во Венецијанската комисија.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ