
Прослава на Нова Година на плоштад во Охрид сепак ќе има
Иако е зима, Охрид деновиве пулсира како во шпиц на летната сезона. Угостителските објекти се преполни, а со полн капацитет работат и терасите на отворено. Похрабрите, пак, уживаат во крстарење со брод или катамаран по Охридското Езеро. Градот наликува на Балкан во мало.
Поголемите сместувачки капацитети во Охрид за Нова година се исполнети над 90%. Цените на аранжманите во хотелите со вклучена свечена вечера за најлудата ноќ се движат од 120-160 евра.
Хотелиерите очекуваат добра посетеност и за празникот Водици, кој во Охрид се одбележува на уникатен начин, но сепак, тоа не е доволно за проширување на туристичката сезона и во зима. Неопходно е да се подобрат условите во хотелите со изградба на спа центри и други услуги на што се работи велат од ХОТАМ, но и државата треба да исполни дел од обврските од што зависи туристичкиот развој на регионот.
Поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, општината ги откажа предвидените празнични свечености и манифестации, но организиран дочек на Новата година во Охрид ќе има во органозација на дружението на охридскиот угостителски еснаф и Хотелско- туристичката асоцијација ХОТАМ. На новогодишната забава под отворено небо на градскиот плоштад на 31 дек. ќе настапат Ѓоко Танески, Жармена, групите Бетис Бупс, Бекдор бенд и ди-џеј Петар.
Горан Момироски