
Еколошка катастрофа им се заканува на жителите на скопско Горно Коњари
Кал, исечени и расфрлани стебла околу Пчиња е сликата во скопско Коњари. Се копа песок од коритото на реката и масовно се сечат дрвјата на брегот. Веќе два месеци, камиони и багери работат секој ден освен во недела и ги вознемируваат жителите.
- Во Горно Коњари се менува течението на реката Пчиња затоа што се ископува песок за сепарација. Мештаните и локалното население молат да не се прави еколошка катастрофа во нивното населено место.
Мештаните секоја недела се собираат и протестираат на сред село. Гневни се и обвинуваат дека со раскопување на коритото на реката се уништуваат и онака лошите услови за живеење. Немаат исправна вода за пиење, иако имаат водовод во селото. Се плашат да не останат жедни.
- Ќе имаме доволно последици, ќе немаме вода за пиење. Ќе спадне нивото на водата, а ние од таа вода живееме. Моментално имаме водовод, но таа вода не е технички исправна за пиење. Сега моментално користиме вода од нашите домашни бунари, вели Даниела Тасевска – Жител на село Горно Коњари
- Без вода за пиење, без дрвја, без поле, без шума. Сето тоа се уништува, а ние ќе немаме друг начин освен да се иселиме оттука, заради интереси на нечии компании, вели Раде Спасевски – Жител на село Горно Коњари.
Локалната власт се оградува од одговорност за еколошката катастрофа која се заканува на селото. Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски порача жителите да тропнат на вратите на Министерството за животна средина и таму да побараат одговори за тоа кој дозволил да се ископува песок од Пчиња и зошто се сечат дрвјата на крабрежјето. Од ресорното Министерството пак молк. Ги побаравме, но не ни кажаа зошто дозволиле багери и камиони масовно да ја уништуваат природата. Во меѓувремераѓаните дополнително предупредија – освен во Горно, раскопувањето ќе продолжи и во блиските, Средно и Долно Коњари.
Петар Догов