
Иванов побара парламентарното мнозинство да смогне сили да ја отфрли Преспанската спогодба
Претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска во традиционалното годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание, побара од парламентрарното мнозинство да смогне сили и да го отфрли Договорот од Преспа.
Се уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот, рече претседателот Иванов од говорницата во македонското собрание, во обраќањето на кое присуствуваа премиерот Зоран Заев, спикерот Талат Џафери, министри во Влдата, претставници на судската власт, на АРМ, на верските заедници и дипломатскиот кор.
Тој, го цитираше првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, Влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, а наша цел треба да биде да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца,
Говорејќи за иднината на држава порача дека треба да се ослободиме од омразата и реваншизмот, и да се свртиме кон помирувањето, но како што рече она автентичното без задни намери, без скриени агенди, а до кое се стигнува преку вистината и одговорноста.
Преку вистината и одговорноста што води до помирување, ќе имаме праведно општество во кое меѓусебното почитување одново ќе биде наша врвна вредност. Во кое власта и опозицијата наместо како заколнати непријатели ќе се доживуваат како достојни противници и партнери за доброто на граѓаните што ги избрале. Држава во која ќе имаме култура на почитување на Уставот и законите. Општество во кое младите ќе имаат реална надеж за исполнет живот и перспектива. Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам, рече претседателот Иванов.
Според него, донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, Преспанската спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме.
Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија, рече Иванов.
За референдумот на 30 септември, оцени дека со негласање, тивкото мнозинство, донело гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот, а “мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот“.