Пиши – бриши со измените на Кривичниот закон, ќе има ли “амнестија” и за обвинети и од СЈО?

Пиши – бриши. Цел ден пратениците од владејачкото мнозинство се предомислуваа околу втората амнестија, овојпат за случаите на СЈО. Првин предложија измени во член 353, став 5 од Кривичниот законик со кој казните требаше да се намалат на три и четири години затвор, со што се овозможува застарување на делата во случаите Тендери, Трезор и Тенк и запирање на истагата за странските служби.

Најмногу ќар од овие измени требаше да има екс министерката за култура,Канческа-Милевска, која е обвинета во случајот Тендери. Со овој член застаруваат и дела во случајот Трезор, каде  се обвинети Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ, како и во Траекторија, каде се обвинети Владимир Пешевски и Миле Јанакиески.Но, по реакциите на јавноста, законот беше повлечен, за од него да се избрише членот, по што подоцна беше повторно вратен на седница. Во него останаа измените на членот  275-в, кои пак, ќе овозможат застарување и условни казни и во случаите на Сеад Кочан и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василие Авировиќ.

Иако предлогот не беше нивни, туку на пратениците, набргу по повлекувањето на измените, стигна реакција од владата.

Пратениците засега молчат. Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која гласаше за уставните измени, а на која со овие измени требаше да и застарат сите обвиненија, кратко рече дека првпат слуша за ова. Кратка беше и изјавата на нејзината колешка, која исто така гласаше за уставните измени.

Опозицијата најави дека нема да учествува во дебатата за овој закон.

По ова е неизвесно дали овие пратеници, меѓу кои е и Зекир Рамчиловиќ, близок до Сеад Кочан, повторно ќе гласаат за уставните измени.  Премиерот и самиот изјави дека „виси“ поддршката за гласањето на измените во јануари од некои пратеници кои не се задоволни со амнестијата, дека дел од нив се лути поради притворите кои се случија во меѓувреме.Засега само 76 од потребните 80 пратеници се изјасниле дека ќе гласаат „за„ уставните измени.

Седницата за уставните измени е закажана за 9-ти јануари.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ