Буџетската помош за фирмите од 35 милиони евра, вети ли Владата повеќе пари?

Предновогодишни парични честитки од Владата за компаниите. Најдоцна за три дена, сите што конкурирале за буџетски пари преку Законот за финансиска поддршка и ги исполниле условите, ќе ги добијат своите средства. Вицепремиерот Анѓушев вели дека станува збор за 35 милиони евра, колку што за таа намена биле предвидени со буџетот, а со нив помош ќе добијат над 250 компании.

  • Сите предвидени средства со Буџетот и ребалансот за поддршка на економијата нсе искористени и заклучно со утре ќе бидат сите исплатени. Над 250 компании ќе бидат помогнати, а мерките ќе бидат распределени преку трите столба – за директна финансиска поддршка на инвестициите, како активни мерки за вработување и преку ФИТР, за мали средни и микро претпријатија“, вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Нејаснотии предизвика фактот што пред стартот на годинава од Владата споменаа сума за помош од 3,1 милијарди денари или 50 милиони евра, што е 15 милиони повеќе од сега исплатените. Од Владата тврдат дека тие 50 милиони всушност се однесувале на вкупниот План за економски развој, каде покрај 35 милиони евра директна поддршка за фирмите, што е Планот за економски раст, остатокот се програми кои ја помагаат конкурентноста, како што се доизградба на ТИРЗ-овите, железничка инфраструктура и слично.

Денеска, пак, перку Фондот за иновации, нови 65 мали, микро и средни фирми добија грантови за иновативни проекти. Нивните инвестиции се 13,4 милиони евра, од кои 54 отсто е кофинансирање од Фондот.

Директорот на Фондот, Деспотовски, вели дека новите 65 фирми се чисти, бидејќи во сопственоста немаат јавни функционери. Две или три фирми кои имаат конфликт се веќе издвоени и за нив дополнително ќе се одлучува.

  • Сите компании од вториот инвестициски бран имаат доставено изјава за сопственичката структура која ја воведовме како новина во протоколот за ризик. Сите овие компании имаат изјави дека немаат јавни функционери“, вели Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Претходно грантови добија 70 иновативни фирми, а за четирите кои имаат проблем со судир на интереси, од кои две високоризични, се уште се води постапка. Откако таа ќе заврши за нив Комитетот за проценка на ризик треба да донесде одлука во јануари.

Со досега доделените грантови се поддржани мали бизниси кои имаат вработени над 320 лица, од кои 85 нововработени, а ќе имаат плати двојно повисоки од просекот во државава.

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ