
Кацарска и по цена на разрешување одбива да одлучува за амнестиите
Четворица од трисет и тројцата обвинети во најголемиот процес поврзан со крвавиот четврток нема да бараат амнестија. Прв и усно на рочиште но и писмено до судот се изјаснил Јане Ченто. Тој ќе ја бара правдата од судија не од политичарите. На последното рочиште и обвинетиот Игор Југ најави дека нема да бара амнестија, но за сега официјална потврда за ова нема. Адвокатот на советникот на Митко Чавков во оперативниот штаб, Душко Лазаров за Течлма потврди дека и овој обвинет се ослучил да остане во судскиот процес до крај. Денеска на социјалните мрежи пак оперскиот пејач Игор Дурловски, од „За заедничка Македонија“ јавно објави дека останува на судењето.
„Секоја борба носи свој ризик, а со оваа постапка го ставам на ризик и мојот и животот на моите најмили. Се надевам дека со оваа одлука ќе и ја одземам можноста на политиката да се постави над правичноста и судството. Ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и понатамошни интриги со криење позади превезот на Вашето политичко „помирување“. Вистинско помирување може да постигнеме само со правда, чест и морал“, порача Дурловски.
Извори од судот за Телма потврдуваат дека до сега барање за амнестија не пристигнало ниту од носителот на златната команда, Митко Чавков. Но рокот за барање истекува до 12 часот на полноќ што значи дека во судот може и утре да пристигнат барања кои ќе ги испратат денеска по пошта. А во судот веќе се игра пинг понг меѓу кривичниот совет и судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска за тоа кој ќе решава за амнестиите.
Барањата кривичниот совет ги испратил кај судиите кои го водат случајот, а тие го вратиле назад. Ако до крајот на денот не се договорат тогаш претседателот на судот Иван Џолев најави дека тој ќе пресече. Според неговите ставови најдобро е судијата кој го работи предметот да одлучува кој ќе биде амнестиран а кој не бидејќи најмногу е запознаен со него. Во исто време смета дека ако друг одлучува би било мешање во работата на судиите. Кацарска пак не ни помислува да ги носи одлуките, бидејќи според законот вели не е надлежна за ова.
„Јас го читам законот и никаде не пишува дека судеччкиот совет одлучува за амнестијата. Триесет години сум судија и ова не се случило, секогаш за амнестии одлучувал кривичен совет а се консултирав и со други искусни судии. Што ако јас донесам одлука за амнестија а повисокиот суд ми ја поништи, тогаш јас веќе сум ја прејудуцирала пресудата која подоцна ке треба да ја донесам. И по цена на разрешување нема да го сторам тоа“, вели Кацарска.
И пред неколку денови ја отфрли можноста дека во законот е предвидено таа да одлучува за амнестиите. Таму пишува дека судот пред кој се води постапката го носи решението, но не е прецизирано дали судечките судии или пак советот на судот составен од неколкумина судии. Инаку во кривичен пристигнале и 30 барања за амнестија од обвинети или осудени во другите процеси поврзани со крвавиот четврток, како што беа за дела учество во толпа, насилство, обид за убиство. Според претседателот на судот рокот за мислење кое треба да го даде обвинителот не е прецизиран, па според тоа процедурата би можела да се одолговлечи и повеќе од предвидените пет денови за носење на решенијата. Сепак првите би можеле да бидат стигнат пред нова година.
Билјана Николовска