Денеска е Божик според Грегоријанскиот календар

Православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето христово – Божик. Традиционално, во Македонија централната миса се одржа во Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ во Скопје, каде присуствуваше и дел од политичко – државниот врв. Да ги исчистиме сите нечисти мисли на оваа хедонистичка цивилизација, порача во божиќното послание бискупот Киро Стојанов.

Честитка по повод Христовото раѓање – Божик испрати и премиерот Зоран Заев. Убавината и топлината на пораката за Божик – Христос се роди, нека ги исполни уште еднаш со радост и топлина срцата на сите верници од Католичката црква и православните Христијани кои денеска го слават големиот празник – Христовото раѓање, вели премиерот.

  • Нека се исполнат со духот на Божик домовите на сите со мир во душите и со радоста на живеењето, и нека не поттикне таа радост со љубов да ја споделиме со најблиските, со пријателите и со секој добронамерник. Да му помогнеме на секој обесхрабрен и неутешен. Така ќе ја шириме и пораката на Богомладенецот кој стана човек за да го види светот со нашите очи, но постојано да не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме во личности според неговиот образ, истакнува Заев.

Честитка испрати и лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.  Почитувањето на традиционалните вредности, толеранцијата на различностите е нашиот заеднички идеал, кон кој сите ние се стремиме“, се вели во честитката на Мицкоски. Додава дека се наоѓаме во период преполн со предизвици за државата и сериозни пречки во нашето општество, па потребно е обединување.

  • Повеќе до кога било во минатото, денес потребно е обединување, да ставиме крај на проблемите кои со децении се провлекуваат во нашата земја, поделбите и омразата, да го вратиме достоинството и мирот во секој од нас, да работиме и да создаваме за нашата заедничка татковина. Потребно е враќање на спокојот и сигурноста, прогонот, притисоците и поделбите да ги замениме со толеранција, вистински соживот и враќање на вербата во луѓето. Неправдата да биде замената со правда, а вредностите и принципите да бидат составен дел од нашите животи, додава Мицкоски во божикната честитка.
Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ