
Нови рочишта за „Тврдина 2“, „Титаник 2“ и „Тарифа“
Одложено е и рочиштето за предметот „Тврдина 2“. Предметот го водеше судиката Гордана Спировска, но бидејќи таа беше избрана за член во Судскиот совет, рочиштето ќе се одлага се додека не се распредели друг судија. Во „Тврдина 2“, првообвинет е екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, и шест вработени во УБК. Им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување.
Рочишта за денеска се закажани и за предметите „Титаник 2„ и „Тарифа“. Предметот „Титаник 2“ што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година се наоѓа во доказна постапка. Обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Ново судско рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Тарифа“, за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.