
До изборот на нов градоначалник на Охрид, општината во застој
Ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски го застана Охрид. Иако локалната администрација технички функционира, не можат да се донесат некои значајни акти од кои зависи нормалното функционирање на општината и градот. Согласно законот министерството за локална самоуправа и владата веднаш се известени за настанатата ситуација и отпочната е процедура за распишување вонредни локални избори за градоначалник на Охрид, а до нивно спроведување советот треба да избере заменик градоначалник од неговите редови. Тоа ќе мора да биде направено во најбрз можен рок, бидејќи најдоцна до 30 декември мора да биде донесен Буџетот на локалната самоуправа.
Токму Георгиевски до сега ја извршуваше функцијата заменик градоначалник на Охрид, на која беше назначен од градоначалникот Стојаноски. Дали тој ќе продолжи да ја обавува функцијата и натаму или советот ќе избере пинакво персонално решение ќе одлучат партиските органи кои се очекува деновиве да заземат конечен став по ова прашање, вели Георгиески. Во меѓувреме во јавноста можат да се чујат и други имиња од владејачкото мнозинство. Опозициската ВМРО ДПМНЕ, пак, најавува конструктивност, но му забележува на мнозинството дека започнало консултации околу персоналното решение за заменик градоначалник без нивно знаење.
Една недела по ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски, кој почина на 48 годишна возраст од инфаркт, во Охрид се уште се чувствува траорна атмосфера. Општината ги откажа предвидените манифестации за претстојните празници, вклучително и дочекот на нова година, па останува на хотелиерите и угостителите да ги анимираат туристите.
Според најавите Охрид ќе биде полн за новогодините празници, во најголем дел со гости од соседдните земји, најмногу од Бугарија и Србија.
Горан Момироски