Градежниците завршиле црна година, бараат од властите итно да се откочат ДУП-овите

Завршивме една црна година за градежништвото, му се пожалија градежниците на министерот Сугарески. Повторно побараа да им помогне да го решат клучниот проблем, а тој е да се откочат сега заглавените постапки со деталните урбанистички планови – во општината Центар која неодамна го продолжи мораториумот за градби на нејзина територија, но и во општината Карпош каде дел од ДУП-овите се укинати. Застојот, велат, им создава големи загуби и во време и во пари, а тоа го урива градежниот сектор, но и 20 други гранки кои зависат од него, и лошо ќе влијае и врз целата економија.

„Во последно време има пад во градежништвото од 20 до 30 отсто, една од причините се проблемите со општините Карпош и Центар, заеднички да ги решиме проблемите“, вели Менди Ќира, Стопанска комора на Северозападна Македонија.

И министерот барал решение, градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој не успеа да се појави на состанокот но испрати свои претставници, му ветил дека сите дефекти кај ДУП-овите ќе бидат отстранети во најбрз рок, а постапките почнати пред мораториумот течат без проблем. Но во општина Карпош, вели, се работи за одлука на Уставниот суд.

„Имавме средба и со градоначалникот на општина Карпош, и разговаравме дека треба да работат и на брза изработка на планови, бидејќи Уставниот суд оценува уставност и законитост на правни акти и против тоа не можеме да се бориме“, вели министерот за транспорт Горан Сугарески.

Уште едно барање до власта, за странските инвеститори што градат станови во земјава, а профитот си го носат во своите држави, во тендерите да се вметне клаузила со која ќе се бара да набавуваат градежни материјали од земјава и да соработуваат со домашни подизведувачи.

„Да се постават поригорозни услови во законите за јавни набавки, со цел странските инвеститори да бидат ограничени да мора да исполнуваат одредени услови“, вели Ивица Јаќимовски, Градежна комора ССК.

Административците да бидат поажурни во издавање на документацијата, бараат градежниците. Очекуваат капиталните инвестиции во патишта, железница и гасификација очекуваат проектите да се забрзаат во февруари и март, што ќе ја забрза работата во делот на нискоградбата. До крајот на годинава во владина процедура ќе влезе Законот за просторно и урбанистичко планирање кој е во завршна фаза, а за Законот за градење е изготвен нацрт кој ќе биде доставен на разгледување кај коморите и сите засегнати страни.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ