Во Македонија за три години ќе нема овци, предупредуваат сточарите (видео)

На работ на егзистенција сме, загрозени, се бориме за опстанок, вака одгледувачите на овци кои дојдоа денеска на мирен протест пред Министерството за земјоделство ја опишаа ситуацијата во која се наоѓаат.

Тоа, нагласија, е и причината поради која протестираат. Предупредија дека ако државата не преземе ништо, за три години во Македонија ќе нема овчарство. Се пожалија и на задоцнета исплата на субвенциите и побараа 50 отсто зголемување на поддршката (1.500 денари за овца и 1.000 денари за оставено женско јагне), но и ако откупот на јагнето е до 140 денари за килограм, државата да им исплати дополнителни 35 денари субвенција, за да земат вкупно 175 колку што е отприлика производната цена.

Овчарите се оградија од секаква поврзаност со политиката и замолија никој да не ги злоупотребува во ваков контекст.

– За еден килограм јагнешко не можеме да купиме килограм копани. Нашите маки се големи: ниски цени, слаб откуп. Субвенциите доцнат. Еве, дојде Нова година, поддршката се уште не е исплтена. Има некој кој воопшто не добива субвенција поради некакви пречки. Сакаме државата да ни помогне зашто нема да можеме да оставаме женски јагниња за приплод. Јас лично, ако годинава имам 300 овци, наредната ќе имам 150. Таквата тенденција е слична и кај останатите, а значи дека за три години во Македонија ќе нема овчарство, рече Џумази Ибрахимов од Горно Јаболчиште, општина Чашка.

Според Митко Јанков, одгледувач на овци од Велешко, овчарите не бараат профит, туку опстанок.

– Ги оставивме нашите стада дома, ги затворивме да јадат детелина наместо паша и дојдовме тука само за да ги оствариме нашите барања. Ние неќеме да се збогатиме, туку да преживееме зашто со сегашните цени на јагнето не можеме да опстанеме. Јагнето сега, за Нова година, се откупи за 140-145 денари, а производната цена е 175 денари која стои и е непроменета од 2016 година. Но, генерално откупот секоја година се движи од 110 до 140 денари. Не бараме профит, туку опстанок. Дражвата да ни гарантира како за тутунот за кој се дава субвенција за откупен килограм. Тоа не се случува со јагнето, изјави Јанков.

Ако откупната цена е 175 денари, како што потенцира Јанков, државата не треба да дава пари.

Овчарите моментно добиваат 1.000 денари субвенции и дополнителни 700 за оставено женско јагне, но тоа, сметаат, е минимално.

– Србија не е европска држава, а зема 60 евра субвенции по грло. Нам ни е срам да кажеме дека земаме 15 евра. Со сегашните цени и ваква поддршка не можеме да просперираме. Но, ако субвенцијата се зголеми за 50 отсто, гарантирам дека секој овчар ќе ги остави ќенските јагниња и ќе ја достигнеме поранешната броја од два милиона овци. Моментно, иако се зборува за фонд од 750.000, нема повеќе од 400.000 овци, дополни Јанков.

Извоз има, но еден или двајца одгледувачи, обвинија овчарите, држат монопол. Дополнителен проблем во овчарството е и тоа што млади за работа нема.

Веднаш штом дојдоа на протестот, дел од овчарите беа примени на средба со министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Како што изјави неговиот советник Благојче Веселиновски кој ги спроведе до Кабинетот, барањата ќе бидат ислушани, но ќе биде презентирана и поддршката што ја дава Владата за овчарството.

– Се надеваме дека ќе најдеме решение, истакна Веселиновски пред состанокот кај министерот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ