
Македонија – Мегалополис
Администрацијата од Скопје да се пресели во 10 градови низ земјата и да се изградат сите магистрални и регионални патишта. Тоа според анализата на професорот Бојаџиев ќе ја спаси земјата од застрашувачкото темпо на иселување бидејќи Македонија надвор од Скопје е во фаза на исчезнување. Во моментов во државата живеат 1 546 000 луѓе, рече тој, позитивен природен прираст има само во Скопје а бројот на ученици се намалува за 2,5% годишно.
„Замислете го Кочани, со 15 000 административци , ќе биде регионален центар за Берово, Пехчево, луѓето нема да треба да се иселуваат ако има патишта. Преселбата на администрацијата ќе значи развој за околината, некој ќе рече прескапо? Ќе чини 10 год. буџетски дефицити, но треба политичка волја парите да се искористат за инфраструктура. Со дисперзија на администрацијата учеството во БДП на Вардарскиот дел ќе се зголеми за 4,5 % а на Источниот за 6,5% , ќе се пресели потрошувачката“, рече професор Марјан Бојаџиев Американ Колеџ.
Темелни анализи се нужно потребни, велат академиците, но скептични се дека со преселба на администрацијата ќе се спречи иселувањето. Според нив потребно е преиспитување на децентрализацијата, бидејки разликите во степенот на развиеност на регионите се драстични.
„Имаме општини кои немаат фискален капацитет да бидат општини. Како да се развиваме? Идејата не може да се реализира, со што ќе одат на работа, со автобуси? Без инфраструктура ништо не е можно. Имаме општини без патишта или со макадам“, смета академик Таки Фити.
Досегашните политики на овој план не дадоа светли резултати вели академик Камбовски, Македонија ќе продолжи забрзано да се празни, па како во Хрватска ќе увезуваме работници, но не од регионот туку од подалеку. Според него состојбите тешко ќе се вратат во нормала и затоа е потребна демегаполизација на Скопје.
„Скопје има капацитет за примање жители 2-3 пати помал од сегашниот, што значи се друго во регионалниот развој било препуштено на импровизација. Скопје сме го направиле многу атрактивно, па сите доаѓаат како муви на мед, а другото е оставено на својата судбина“, рече академик Владо Камбовски.
Со 336 жители на километар квадратен Скопје е најгусто населен град наспроти 39 жители во Вардарскиот регион. Скопскиот регион зафаќа 7,3 % од територијата, во него живее 30% од населението, БДП е за 43 % повисок од просечниот во државата, а во Полошкиот тој е за 34 % понизок.
Виолета З Стојановска