Собраниските фотељи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата повторно празни

Собраниските фотељи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, од вечерва па се до изгласувањето на уставните измени, ќе бидат празни. Пратениците ја напуштија седницата на Комисијата за уставни прашања, на чиј дневен ред се владините амандмани и објавија дека го напуштаат целиот процес на уставни измени.

Министерот за надворешни работи, пак, уште еднаш повтори дека до крај ќе се бори да докаже дека Договорот од Преспа е вистинскиот начин Македонија да тргне напред.

На оваа седница, освен владините предлог-амандмани, ќе се расправа и за извештајот од јавните дебати, како и за уставниот закон што треба да се донесе. На овој закон, пак, се поднесени седум амандмани од пратениците од Алијанса за Албанците, БЕСА, Мухамед Зекири и независната пратеничка група. Со нив, пратениците Албанци бараат заштита на етничката припадност.

Сличен е и амандманот на независната пратеничка група, но со него тие бараат да се направи јасна дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност на сите граѓани, односно, да се разграничи дека нема да бидеме северномакедонци, туку Македонци, како што другите припадници ќе бидат Албанци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други.

Бараат и измените да не стапат на сила, ако Грција не го ратификува договорот и не се спроведе Протоколот за НАТО. По напуштањето на ВМРО-ДПМНЕ, седницата на Комисијата се очекува да трае многу пократко од законскиот рок, по што ќе биде закажана и пленарната седница. Ова е трета и последна фаза од уставните измени, за чие гласање повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ