
Бектеши: Доцна е за промени, Законот за пазарите на сила од стартот на идната година
Владата оваа недела ќе ги слушне барањата на Стопанската комора за одложување на законот, но пензионерите, вработените или оние што имаат хонорари дефинитивно нема да смеат да држат тезга од стартот на идната година. Законот за зелените пазари е веќе донесен, вели министерот Бектеши, дури и да сакаме, сега е доцна да го промениме. Единствено може да се предложат нови законски измени, но со оглед на набиената агенда на Собранието, тие сигурно нема да се изгласаат најрано до крајот на јануари, а можеби и подоцна.
Поздаконските акти и правилниците од страна на Министерството за економија се донесени уште во август 2018, а јас предлозите од комората ги добив дури вчера. Значи, тие имале можност уште кога ги донесовме подзаконските акти, па дури и порано, кога бил усвоен законот во Собранието, да излезат со овие предлози, па да имаме време и да можеме да интервенираме. Ние вчера ги добивме и ќе разговараме, а ако има недостатоци, ќе предложиме измени и дополнувања, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Министерот тврди дека Законот бил усвоен уште во првите месеци од годинава, и го предложиле група пратеници од владејачкото мнозинство токму на барање на пазарџиите. Смета дека треба да почне неговата примена, па дури ако се утврдат недостатоци да се оди на измени и дополнувања.
Пазарџиите поделени. Пензионерите не се среќни со новините, велат, едвај крпат крај со крај со ниските пензии и тезгите им помагале да го надополнат скромниот буџет. Се надеваат дека Владата ќе попушти и ќе ја одложи примената на законот.
Ќе не уништи начисто, ќе излезе само големите трговци да работат, а сиромаштијата да пропадне, вели еден пазарџија.
Ќе мора да се повлечеме, нормално дека не се согласуваме, но што да се прави ако дошла таква наредба. 11 илјади пензија не ми стигнуваат, вели друг пазарџија.
Но оние чии единствен приход е од тезгите, го поздравуваат новото решение, така немало да има нелојална конкуренција.
Јас мислам добро е, јас немам ни пензија ни социјално ни ништо, од ова живеам, тие треба да се тргнат, вадат парче леб и си одат дома, а јас живеам само од земјоделство. Лиценци ќе плаќам, ама да биде ред“, вели пазарџија.
Се согласувам со тоа, немам ни пензија ни ништо, а комшијата има и пензија и работи, тој треба да си оди, ми прави конкуренција, во право се, вели друг пазарџија.
Од Стопанската комора предупредија дека со законот ќе се намали бројот на пазараџии и прометот ќе падне за дури 30 проценти. Новина е и што пазарџиите ќе мора да платат лиценци за секоја тезга ако сакаат да држат повеќе. Покрај персоналниот данок, пак, ќе плаќаат и здравствен и инвалидски надоместок. Пазарџиите се согласуваат и со овие давачки, бидејќи така ќе добијат здравствено осигурување, само бараат да се стави ред на пазарите. Во моментов има околу 20 илјади закупци на тезги.
Нина Нинеска-Фиданоска