САД повикаа повеќе пратеници да дадат поддршка на Договорот од Преспа

САД цврсто стојат зад Македонија и целосна имплементациија на Преспанскиот договор и преку заменик-државниот секретар на САД, Џон Саливан денеска повика повеќе македонски пратеници да дадат поддршка на Договорот за името.

„Сега процесот на имплементација продолжува во Собранието, повикуваме повеќе негови членови да го стават на страна партискиот интерес и да се фокусираат на клучните стратешки цели. Нема алтернативен одговор. Вашата надеж за посветла иднина за вашата земја ви се на дофат“, изјави денеска Џон Саливан, заменик-државен секретар на САД.

Саливан кој е во неколкучаовна посета на Скопје по средбата со премиерот Заев и претходно со шефот на дипломатијата Димитров, освен силната поддршка за Договорот од Преспа и интегрирањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, на владата и порача да не ги губи од вид реформските приоритети, посочувајќи ги конкретно –јакенење на владеењето на правото, независноста на судството, подобро владеење и подобар капацитет на институциите во служба на граѓаните.

За тоа колку е извесно усвојувањето на Преспанскиот договор во Грција по окончувањето на процесто во Македонија, со оглед на превирањата во грчката владата околу тоа, Саливан рече Договорот е од длабок меѓународен интерес и на Грција и на Македонија.

„Секретарот Помпео се сретна со грчка делегација минатата недела како делод Стратешкиот дијалог со Грција и се согласивеме со грчките колеги околу важноста на Договорот од Преспа, како важен за иднината на Грција и со нетрпение очекуваме да ја поддржиме Грција во имплементирање на Договорот од Преспа за просперитетот и иднината на двете земји, Грција и Македонија, во нивните взаемни односи“, изјави Џон Саливан, заменик-државен секретар на САД.

За Руското противење на македонското интегрирање во НАТО, Саливан кратко порача, дека САД стои за Македонија.

„Не мислам дека е тајна дека Русија се противи на членството во НАТО на Македонија и дека ќе ги преземе сите активности со кои ќе го поткопа тоа, за свои цели, спротивно на она што македонските граѓани и Влада решија дека е најдобар интерес на оваа земја. САД ја поддржува Македонија“,  рече Џон Саливан, заменик-државен секретар на САД.

Заев во име на Владата пак рече дека се прави се за спроведување на Договорот од Преспа до крај.

„Создаваме политички амбиент кој ќе ја овозможи реализацијата на договорот од Преспа во целост, дека ги сведуваме ризиците на минимум и дека нема да ги препуштиме процесите на било каква случајност“, изјави Зоран Заев, премиер на Македонија.

За Заев гаранција за такво нешто е инклузивноста на процесот и прифаќањето на сугестиите не само од новата пратеничка група од осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, туку и на предлозите за промени на уставниот законик кои доаѓаат од опозицијата, што според него би била сериозна потврда за зголемување или одржување на потребното мнозинство од 2/3 за уставните промени во јануари.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ