
Постапки против „сваровски“ судиите – ветува нов член на Судскиот совет
Постапка за сваровски судиите кои во посебен извештај ги наведе СЈО како судски соработници на извршната власт, најавува судијката Гордана Спиревска која денеска заедно со уште четворица судии се заколна дека ќе ја чува независноста и професионалноста на судската власт. Меѓу оние што ги наведе СЈО беше и актуелниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски кој по функција е член на советот- но неговата нова колешка вели дека ќе се бара одговорност за сите што згрешиле.
Нови членови на судскиот совет се и врховниот судија Киро Здравев, Зоран Теофиловски, Лорета Горгиева и Мирсад Суроји, а сите се судии избрани од своите колеги. За начинот на работа, но и одговорноста на членовите на судскиот совет допрва ќе се утврдуваа законски измени во долгите судски реформи кои се одвиваат преспоро. Спиревска истакна дека ќе работат за да ја подобрат перцепцијата за судството. Граѓаните и натаму имаат минимална доверба во судиите, а сеуште има сомнежи и во политички влијанија и притисок врз судството. Еден од проблемите е и раширениот непотизам, па и денеска имаше случај кога на член на судскиот совет му заврши мандат, а на негово место судиите го избраа нејзиниот зет.
Петмината судии се дел од 15-члениот судски совет од кои двајца по функција се министер за правда и претседател на Врховниот суд, но и двајцата веќе подолго време не се присутни на седниците.
Миомир Серафиновиќ