ФОТО: Половина тон марихуана шверцувани во камионска приколка

Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера на граничниот премин Богородица, на излез од Република Македонија, запленија околу 515 килограми марихуана, а од слобода е лишено едно лице. Запленетата марихуана требало да се транспортира до Турција, а нејзината вредност се проценува на над милион евра, соопшти МВР.

-По претходно дадени насоки, на Граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија извршен е претрес во товарно моторно возило марка „Ман“и полуприколка –ладилник со скопски регистерки таблици, сопственост на правно лице, а управувано од З. А. (46) од Скопје. При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен- изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Истрагата утврдила дека 33-годишен скопјанец со иницијали Д.С. во ноември и декември набавил марихуана од Албанија со цел продажба во Турција, а го организирал и транспортот преку Македонија и Грција до крајната дестинација.  За реализација на транспортот, Д.С. за соодветен паричен надомест го ангажирал З.А..

Бункерот во возилото бил направен во Турција и оттаму З.А. го донел возилото во Скопје, каде веќе била подготвена марихуаната за транспорт.

-Во текот на вчерашниот ден, по издадени наредби од судија на претходна постапка,  извршен е претрес во домот на Д.С. во Скопје, со цел пронаоѓање и обезбедување на дополнителни материјални докази. Од извршениот претрес, пронајдени и одземени се едно возило Рено меган, мобилни телефони и бројна документација. Во текот на денешниот ден до обвинителството е поднесена   кривична пријава против Д. С. како организатор на транспортот и З. А. како транспортер на дрогата, за сторено кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик на Р.Македонија- соопшти Ангеловски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ