
Бандера – дома на илјадници Македонци
Електричната бандера која се наоѓа во селото близу Благоевград во Бугарија, е пријавена како адреса на дом на илјадници Македонци со бугарско државјанство. Ова е дел од измамата организирана ширум Бугарија за продажба на сертификати за издавање на бугарски државјанства.
Случајот го потврди Катја Матева, екс директорка на одделението задолжено за издавање на државјанства во бугарското министерство за правосудство, во интервју за ЕУ опсервер. Таа вели дека градоначалникот на тоа бугарско село, чие име не го открива, ја пријавил бандерата како адреса на Македонци кои во кеш платиле сертификати за да станат натура- лизирани бугарски државјани.
Според Матева дел од бугарската политичка елита имал корист, посебно вицепремиерот Красимир Каракачанов, кој е лидер на националистичката партија ВМРО бугарско национално движење, која е малцински партнер во владата на Бојко Борисов.
Бриселскиот сајт објаснува дека Матева работела во бугарското министерство до 2016-та и дека тврди дека добила отказ кога одбила да учествува во оваа измама.
Матева вели, исплатите за лажни сертификати се извршувани во готовина на сред бел ден „на тротоарите пред институции во срцето на Софија“.
Бугарската полиција во октомври ги објави првите апсења во оваа афера кога директорот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев, беше приведен со уште 20 осомничени.