
ДЗР една година без ревизор, кој се интересира како се трошат јавните пари?
Чуварот на државните пари и институцијата што треба да го лови незаконското трошење, Државниот завод за ревизија, цела година нема прв човек. Откако Собранието лани ова време го објави огласот за нов Главен државен ревизор се пријавија 12 кандидати, но ниту еден не е избран на раководната позиција.
Каде е закочена работата спикерот Талат Џафери не упати да го прашаме претседателот на Собраниската комисија за избори и именувања, Илија Димовски. Тој вели дека по таа точка расправата била отворена, но еден од кандидатите за кој се услугласиле партиите, не ги исполнил потребните услови.
„Чекам пратеничките групи да се усогласат за друг кандидат кој ќе ги исполнува условите и да ми дадат сигнал, по што јас ќе ја презакажам седницата на Комсијата за избори и именувања“, вели пратеникот Илија Димовски.
Собранието го има и списокот со кандидати кои се пријавиле, меѓу нив Насер Адеми, заменик главен државен ревизор, кој практично сега раководи со заводот, Адем Цури, директор во Ревизорско тело за ИПА фондови, Тања Тасевска, државен советник во ДЗР, а се споменуваат и други ревизори од внатре, но и неколку лица од надворешни институции.
Меѓу пријавените е и Ване Цветанов, поранешен директор во Управата за спречување на перење пари, и потоа разрешен од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и жесток противник на претхопдната власт. Тој за Телма потврди дека е еден од пријавените, но не може повеќе да коментира бидејќи во случајов е засегната страна.
Марјан Николов од ЦЕА вели дека во нормална држава, немањето Главен државен ревизор цела година веќе се третира како инцидент, и покажува дека политичките елити и натаму се занимаваат сами со себе, а не со систем во кој Собранието треба да врши надзор врз јавните финансии.
„И оваа Влада продолжува со фокус врз собирање јавни финансии, а не со отчетност, тоа е оставен на Господ. Целата постапка се држи во тајност, а тоа го доведува во непријатна ситуација ревизорот уште пред да се избере“, вели Николов.
Вели дека и Собранието требаше да излезе и јавно да каже зошто е закочен изборот.
Од ДЗР велат дека заменикот Адеми раководи со Заводот, но институцијата редовно и нормално функционира. Од таму очекуваат дека Собранието ќе избере Државен ревизор, бидејќи постапката е во тек, иако заради приоритетната агенда околу уставните измени, останатите прашања, велат, времено трпат. Правилникот за систематизација бил сменет по усогласување со МИОА и Министерството за финансии, но не се вработени нови лица, само тројца се преземени од други државни институции.
Нина Нинеска-Фиданоска