
Министерството за правда ќе ги враќа Грујевски и Бошковски со нови аргументи
Аболицијата на Иванов е ништовна – ова е главниот аргумент во новото барање за екстрадиција на бегалците од УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски. Барањето е напишано и во моментот се преведува. Дали ќе успее втората шанса, откако првиот пат грчкиот Врховен суд одби да ги испорача?
Министерката за правда Десковска се надева дека со новото барање ќе ги разубеди грчките судии. Кои во одлуката да ја одбијат екстрадицијата го наведоа помилувањето на претседателот.
„Помилувањата се дадени без правен основ, на законски одредби што во моментов не се во правна сила во Република Македонија и од тие причини практично не ни произвеле правно дејство. Секако се образложува и постапката која е правена со измена на законот и повлекувањето“, кажа Рената Десковска – Министер за правда.
Македонското Министерство за правда повеќе од половина година ја чекаше пресудата на грчкиот Врховен суд. која беше донесена во мај годинава, а во јуни беше и јавно објавена на веб страната на судот. Македонска правда која ја бараше екстрадицијата ја доби пресудата дури во декември, откако за тоа испрати ургенција до грчките колеги.
Контрараузнавачи Грујевски и Бошкоски се обвинетите во предметот за масовното прислушување „Таргет“, но Грујевски е обвинет и во уште два други предмети на СЈО.
Нивните имиња ги споменаа и неколкумина обивнети на судењето за 27 април. Ги посочија дека учествувале во реализацијата на планот за упадот во Собранието.
Двајцата во Грција ја чекаат и одлуката на тамошните власти за барањето за азил – постапка која оди со многу побавно темпо од онаа на експремиерот Груевски во Унгарија.
Елена Ивановска Мукоска