
Јавните набавки меѓу старото и новото законско решение
За само една година вредноста на јавните набавки се намалила за 35 % односно од речиси 1 милијарда евра во 2016 на 625 милиони евра во 2017. Надолниот тренд кој продолжува и годинава се случува во услови кога на сила е многу критикуваниот стар закон за јавни набавки и новиот закон кој се носи веќе 1,5 година. Мал пораст бележи конкуренцијата на тендерите но рекордни 27% од тендерите се поништени.
Она што нас не прави рекордери е нискиот удел на набавките во БДП од само 6%. Овој пад од 300 милиони евра или 35 % треба да се анализира, зошто се случи, дали од страв бидејки има доста обвиненија за набавки, дали помалку се троши, свесно или несвесно, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Бавното реформирање на системот за јавни набавки овозможи договорните органи да продолжат со старите навики. Не функционален е системот за спречување на корупцијата, вели Филков а бројот на доставени жалби од фирмите за неправилности на тендерите е едвај 3 % од објавените огласи.
Еден закон не може да ја реши корупцијата, може само да ги подзатвори вентилите, да го стесни просторот за корупција. Како и во други земји и тука постои систем на поврзани институции кои требна да се борат со корупцијата, но за жал кај нас тој систем не функционира ефикасно. Имаме финансиска полиција, комисија за заштита на конкуренцијата, внтарешни ревизори, систем на укажувачи што не функционира, системот замислил институции, синџир за борба со корупцијата но неговите делови не функционираат, додава Филков.
Државните ревизори до Обвинителството доставиле 12 извештаи за слабости во јавните набавки, од кои еден е во предистражна постапка а за другиот сеуште се проверуваат наодите. Државната антикорупоциска комисија која треба да има водечка улога во превенцијата на корупцијата во јавните набавки, во 2017 и 2018 нема испратено ниту еден случај до Обвинителство за поведување постапка. Јавното обвинителство води десетици истраги со кои се опфатени повеќе од 100 инволвирани луѓе. СЈО води шест предмети за злоупотреби во јавните набавки од кои за три се водат судски постапки, за други три веќе има пресуди а дополнително за шест се водат истраги.
Последниот извештај за функционирањето на системот за јавни набавки е објавен во 2016. Необјавувањето на годишен извештај за претходната година според Филков се смета за преседан во македонската историја а притоа не е јавно објавено ниту образложение за ова рекордно доцнење.
Виолета З. Стојановска