
Доста е земањето поголеми патни трошоци од плати
Во периодот од 2010-та до 2014-та, за патни трошоци на пратениците во една мала и сиромашна земја како Македонија, потрошени се 5 милиони евра, потсетува пратеникот Илија Николовски. Побара поголема заштита од злоупотреби на пратениците но и на сите други функционери.
Николовски бара трајно решение и потсетува дека во Скопје има 5 илјади државни станови, од кои поголемиот дел се празни. Пратениците од ДУИ велат дека оние што живеат во поодалечените места, се изложени на поголеми трошоци и на сообраќајни ризици бидејќи дневно возат и по 5-6 часа.
Во Комисијата, сите пратеници го поддржуваат предложеното решение за намалување на патните трошоци од 30 на 20 одсто од цената на литар гориво за секој изминат километар, но не веруваат дека тоа ќе го реши проблемот со злоупотребите.
Предлагачите од Коалицијата предводена од СДСМ најавуваат дополнителни заштитни мерки со посебна Одлука.
За да се усогласат различните мислења, ќе се формира работна група која ќе изготви амандмани и ќе ги поднесе до Комисијата пред второто читање. Првото читање за менување на двата закони е на пленарна седница во понеделник.
Соња Николовска