
Лошата инфраструктура и сообраќајниот хаос во Полошко, најголем непријател на Територијалната противпожарна единица
Пеплосаната куќа во тетовската населба Поток и по речиси една година се уште сведочи за големата трагедија кога пламените јазици одзедоја 5 животи, 38 годишната Фатиме Зулбеари и нејзините четири деца на возраст од 4 до 13 години. Пожарот ги проголта заедно со горниот кат од куќата каде спиеле.
Таткото на децата кога избувнал пожарот бил трета смена. Но по трагедијата која го снајде, тој воопшто не сака да го посети домот кој му го зеде семејството, велат неговите родители.
Сега живее во стан, а повремено дедото на децата доаѓа во куќата. Вели објектот не е за употреба, но му недостигаат средства за да изгради една просторија за него и неговата сопругата.
Надлежните институции, соседите но и дедото на загинатите деца, сведочеа дека Територијалната противпожарна единица доцнела со интервенцијата. По тесните улици кои водат до објектот, имало паркирани автoмобили кои го блокирале патот на противпожарните возила.
Лошата инфраструктура но и сообраќајниот хаос се најголеми прични за ненавремената интервенција на пожарникарите од полошко.
Така беше и неделава, кога во Гостивар изгореа три објекти во центарот на градот, а пожарникарските служби доцнеа поради узурпираниот коловоз кој води до станбените објекти.
Направивме една обиколка низ Тетово со специјално противпожарно возило, кое е наменето за гасење на објекти, лоциранi покрај тесни улуци. На секои десетина метри имаше застој, па дури и на пошироки сообраќајници.
Алити вели дека превентивно треба да делуваат и другите служби, ако сакаме објектите, но и животите да ги спасиме од пламените јазици.
Сулејман Зулбеари замина од опожарениот дом, кој барем досега не ги алармираше надлежните да преземат превентивни чекори за спречување на вакви трагедии, кои годинава одзедоа 5 лица.
Зоран Димовски