
Тетово се гуши во смет
Комуналниот смет се уште наместо во контејнери се истура во дворот на Претоварната станица на Јавното комунално претпријатие Тетово. Вработените кои ги затекнавме велат дека се појавуваат чести дефекти на механизмот на станицата, кој не може да се сервисира во земјава, па затоа се принудени повремено отпадот да го истураат на земја.
Станицата започна да функционира пред година и половина. Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, рече дека претоварната е првиот чекор кон надминувње на проблемот со комуналниот смет. Вети и отворање на фабрика за рециклирање на отпад, но од сето ова, тетовци добија нова дива депонија.
Сега централните власти и Центарот за полошки плански регион, ветуваат дека ќе го решат проблемот со отпадот со формирање на јавно претпријатие, кое ќе менаџира со региналната депонија во гостиварско Русино, за чија стандардизација се обезбедени се 7,9 милиони франци од швајцарски фондови. Таму сите полошки општини ќе можат да го носат сметот, и да се ослободат од него.
Министерот за локална самоуправа најави дека со пари од владата ќе се започне да се асфалтира и патот до Русино. Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари рече дека асфалтирањете требало да започне пред десет години, но градежните активности доцнеле, оти мештаните од гостиварско не дозволувале да се гради коловозот
Изминативе десет години проблемот со комуналниот смет во полошко властите го решаваат само со ветувања. Ниту една полошка општина нема депонија за смет која треба да работи според стандарди, а ефектите на терен се очигледни. Целиот Полог се дави во отпад, каде има голем број мини диви депонии.
Зоран Димовски