Потрошени големи пари, а мали ефекти од мерките за вработување

Потрошени големи пари, а мали ефекти. Истражувањата на невладините покажале дека за 4 години, од 2014 до 2017, за активните програми и мерки за вработување се потрошени дури 3,9 милијарди денари или 64 милиони евра, а граѓаните не биле задоволни од нив, тие само делумно или воопшто не им помогнале да најдат работа. Од вкупно 882 лица анкетирани на терен, само 56 од нив рекле дека се вработени преку овие мерки. Половина од граѓаните немаат ни интерес да се пријавуваат како невработени, а од регистрираните, пак, повеќе од две третини воопшто не се запознаени со мерките.

  • Така што Агенцијата за вработување треба да размисли на кој начин овие активни баратели ги информира за мерките за вработување. И она што е интересно, од овие две третини кои не се запознаени со мерките доминираат жените, дури 71 отсто“, вели Марија Савовска, извршна директорка на Здружението за родова еднаквост.

Македонија вработува, која ја донесе претходната власт и ја преточи во закон, ослободувајќи ги работодавачите од придонеси, не дала ефекти, а пензискиот и здравствениот фонд во 2016 и 2017 ги оштетила за дури 23 милиони евра. Сега таа не важи, но некои газди кои веќе имаат склучено договори уште две до три години ќе бидат ослободени од придонесите.

Од 2014 до 2017 година, вкупно 128 милиони евра се потрошени за Агенцијата за вработување, а стапката на невработеност за тој период е намалена за 5 процентни поени. Таа не ги прилагодила своите услуги кон промените што настанале на пазарот на трудот.

  • Има слабости во евиденција и евалуација на овие услуги, не постојат податоци колку средства се потрошени за секоја поединечна услуга и која услуга придонесува кон реално подобруивање на пазарот на трудот“, вели Дарко Антиќ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Агенцијата за вработување, пак, тврди, оваа година мерките биле успешни, опфатиле над 6000 лица, од нив 53 отсто се жени и 53 проценти се млади, а искористени се 90 отсто од предвидените буџетски пари.

  • Активните мерки за вработување и политиките се на доброволна основа, ние не можеме невработените лица да ги принудиме во нив да земат учество во мерките за вработување. Ги информираме благовремено, преку прес конференции, објавуваме на нашата веб страница, и преку електронски и печатени медиуми“, вели Билјана Јованосва, директорка на Агенцијата за вработување.

За секој вработен работодавачите добиваат субвенции од 18 илјади за платата плус 1.000 денари, во период од 3, 6 или 12 месеци, а потоа газдите извесен период имаат обврска да не ги отпуштат вработените. Агенцијата вели дека ја зголемува транспарентноста и отчетноста во трошењето на парите.

 

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ