
Заев: Помирувањето ќе продолжи и по вертикална линија
Во понеделник во Собранието на дневен ред е законот за амнестија, кој најверојатно ќе опфати 40 од вкупно 70 обвинети за случајот 27 април. Координативното тело се уште не ја открива содржината на закот за амнестија, а премиерот вели дека помирувањето помеѓу политичките партии ќе продолжи и по вертикална линија, односно се до навивачките групи и подмладоците на партиите. Според него, Законот за амнестија ќе испрати порака на помали казни, и амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори.
Заев денеска уште еднаш повтори дека прифаќа телевизиски дуел во кое било време и во кој било медиум со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски само доколку тој претходно се изјасни дали е за членство во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Преспанскиот договор, а ако не е за тоа, треба јасно да го каже и да понуди алтернатива.
-Подготвен сум во секое време и на секое место да дебатирам со Мицкоски, но чесно е тој да го каже својот став-дали е за членство во ЕУ и НАТО со поддршка од Договорот од Преспа и ако не е да ја каже алтернативата. Тогаш нека го избере медиумот, денот и терминот. Јас сум подготвен за соочување зашто тоа е демократски чин, изјави Заев по националната конференција за децентрализација.