
ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд во трка за универзален снабдувач
ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд влегуваат во трка за универзален снабдувач на домаќинствата и малите фирми со електрична енергија.Овие две понуди беа единствените што пристигнаа на јавниот повик што Владата го распиша пред 3 месеци а чиј рок заврши денеска.Еден од условите за тоа кој ќе снабдува со струја над 500 000 домаќинства ќе биде висината на маржата. ЕВН Снабдување понуди почетна маржа од 14,4 % а ЕЛЕМ Трејд 14,9% бруто маржа .
- Ќе се испитуваат економските способности согласно критериумите, ќе учествуваат на негативно наддавање, на понудената маржа.Почетната маржа треба да биде пониската од понудените.Тој што на аукцијата ќе понуди најниска маржа ќе го потпише договорот за универзален снабдувач, вели Глигор Каневче академик, член на комисија.
Евалуацијата на двете понуди не треба да трае подолго од 86 дена но Комисијата очекува работата да ја заврши до крајот на годинава.Велат дека е успех што на огласот се пријавиле две фирми иако лиценца за дејноста имаат 20-тина а активно работат 8 од нив
- Се покажа дека овој бизнис е интересен за снабдувачите. И постоечките снабдувачи немаат искуство со снабдување на голем број снабдувачи, затоа се две фирми пријавени, тоа е одличен резултат, изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Откако ќе биде избран снабдувачот со струја за домаќинствата и малите фирми кои нема да сакаат да купуваат струја на либерализираниот пазар на сцената ќе настапи РКЕ која ќе ја утврди цената на електричната енергија така што на трошоците за набавка, за пренос и за дистрибуција ан струјата ќе ја додаде и постигнатата маржа.Универзалниот снабдувач треба да почне со работа од 1 март но доколку пропадне постапката, Владата во рок од 3 месеци ќе распише нов јавен оглас а ако и тој биде неуспешен владата може сама да го избере снабдувачот.Дотогаш обврската за снабдување продолжува да ја врши ЕВН Македонија.
Виолета Зајкова Стојановска