
Шилегов најавува можност Клинички сам да управува со паркингот
Градоначалникот Петре Шилегов размислува паркингот на клиничкиот центар да се врати на комплексот клиники “Мајка Тереза” и клиничкиот центар да управува со него, како што беше пред да го преземе Градски паркинг. Тој најавува дека Градот размислува и да изгради две монтажни катни гаражи со кои ќе се отворат паркинг места за уште 300 автомобили.
Претходно, утринава повторно на протест излегоа дел од вработените во клинички центар “Мајка Тереза”. Сите носеа на себе транспаренти „привилегирани”, алудирајќи на тоа дека градоначалникот Шилегов така ги нарече поради повластувањата на картичката за паркинг која досега за вработените на Клинички плаќаа по 300 денари месечно, а од град Скопје најавија дека оваа картичка ќе чини 800 денари месечно.
Од синдикатот на Клинички велат дека се чувствуваат понижено затоа што тие мислат дека воопшто не треба да плаќаат за паркинг место на своето работно место и реагираат дека досега од Градски паркинг кој што стопанисува со паркинг услугите на Клинички, досега нема инвестирано ништо во разрешувањето на секојдневниот хаос со паркираните возила.
Вработените во клиничкиот центар “Мајка Тереза” велат дека доколку не се исполнат нивните барања и доколку не се реши проблемот со паркингот ќе преземат дополнителни активности за израз на нивното незадоволство.
Јордан Дуков