
Средбата Заев и Ципрас ќе дефинира до каде е процесот за името
По средбата Заев – Ципрас денеска во Давос, во Скопје во наредните денови ќе се одржи лидерска средба за да се изгради широк национален консензус за процесот околу името. Потврда за учество на средбата стигна од ВМРО-ДПМНЕ, како и од Кабинетот на претседателот Иванов.
„Министерството за надворешни работи е иницијатор за одржување на координативен состанок, со цел да се информираат релевантните политички фактори во Република Македонија за предлогот на амбасадорот Метју Нимиц, кој произлезе од последната средба со македонскиот и грчкиот преговарач во Њујорк. Претседателот Иванов, како што претходно брифиравме, е подготвен да присуствува на ваква средба“, соопштуваат од кабинетот на Иванов.
Портпаролот на владата, Миле Бошњаковски, информирајќи денеска за лидерската средба рече дека на неа ќе учествуваат повеќе политички субјекти кои ќе разговараат за рамката со цел да се изгради широк национален консензус. Датумот на средбата, како што рече Бошњаковски, се уште не е прецизиран.
Преговорите за името денеска за првпат официјално се подигаат на премиерско ниво со средбата Заев – Ципрас во Давос. И двете страни пред средбата изразија оптимизам дека може да се најде решение.
„Премиерот Заев неколку пати до сега истакна дека е оптимист дека помеѓу Македонија и Грција ќе се најде решение за спорот, со цел да се сочува достоинството на двете страни. Во оваа насока на денешната средба, сама средба претставува исчекор напред кон ршение. Во принцип сите овие елементи кои што ги наведов сметаме дека одат во позитивна насока и сметаме дека и во Атина и во Македонија има политичка волја ова прашање да се затвори“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Валадата на Македонија.
На премиерската средба во Давос ќе присуствуваат и двајцата министри за надворешни работи, Димиторв и Коѕијас, кои според најавите, во идниот период ќе ја преземат преговарачката палка во свои раце.
Тамара Грнчароска