Да не се заборави крвавиот четврток

Наташа Стојановска се уште се вознемирува кога ќе помисли дека треба да влезе во Собранието. Така е од 27-ми април, денот што македонските медиуми го нарекоа крвав четврток. Тогаш, токму во прес-салата на Собранието беа нападнати пратеници од тогашната опозиција, и новинарите кои ја следеа прес-конференцијата на новизбраниот претседател на Собранието. Оттогаш поминаа осум месеци, но за Стојановска траумите се уште се живи.

Јас се уште немам влезено внатре во Собранието, не собрав ниту храброст, ниту сила да влезам внатре иако еднаш се обидов да влезам внатре и да испијам кафе со луѓето со коишто го преживеавме тој крвав четврток во Собранието. Но, верувајте се вратив назад и не влегов во салата“, вели Стојановска.

А, што се случуваше во Собранието на 27-ми април?

За настаните од 27-ми април, Обвинителството води истрага за едно од најтешките дела против државата, за кое македонските закони пропишуваат најмалку десет години затвор. Меѓу осомничените се тогашни полициски функционери и сегашни опозициски пратеници. Додека трае истрагата, малкумина новинари се осудуваат јавно да кажат кој е виновен за тоа, иако 27-ми април, не беше единствен случај.  Пет години претходно, на 24 декември 2012 година, новинарите за првпат беа исфрлени од собраниската галерија.

Не им беше дозволено да известуваат од собраниската седница на која се носеше буџетот. Меѓу нив беше и Снежана Лупевска Созен.

„Не предупредија дека мораме да излеземе. Секако дека одбивме, бидејќи треба да известуваме од случувањата. На насилен пат, буквално не влечеа, да излеземе од галеријата“, вели Лупевска.

На прашањето дали побараа заштита, одговара: „Нема од кого. Оние коишто треба да те заштитат, а тоа е обезбедувањето и полицијата всушност го правеа насилството.“

Но, македонските судови не видоа случај во тоа што новинарите беа спречени да известуваат. Дури и Врховниот суд кажа дека не е прекршено нивното право да известуваат. Но, Судот за човекови права во Стразбур донесе пресуда во корист на македонските новинари.

Снежана Лупевска вели дека „Имаше автоцензура и страв. Не сите новинари се потпишаа на тужбата. Само ние петмина. Добивме адекватно обештетување, државата го исплати тоа обештетување, и со тоа, најбитно добивме морална сатисфакција.“

Моранлната сатисфакција стигна пет години по тој 24-ти декември. И додека новинарите во Скопје беа физички спречувани да известуваат, дописниците од внатрешноста, кои беа критички настроени кон поранешната власт, беа под целосна блокада од општините. Анета Даскаловска  ја загуби работата во време кога пишуваше колку е богат и како се збогатил тогашниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Потоа, пречките да се добие било каква информација од локалната власт траеа бескрајно.

„Секое мое барање информација од општина Битола беше премолчно одбивано без да ми дадат одговор, без било што да ми одговорат. Или, доколку случајно ми дигнеа телефон, неговите од прес-службата, наоѓаа такви изговори, тоа беше срамота за тоа што го работат. Во стилот, ќе ви го ислушаат прашањето, па ќе кажат, да, да, напишете на меил, па ќе Ви одговориме. Меилот никогаш не се враќаше назад. Или, јас не можам ова да го одговорам, знаете децата ми се болни, не сум работа. Такви изговори имаше“, вели новинарката Анета Даскаловска.

Даскаловска вели дека нејзиниот пример е драстичен, но од навредите на Талсеки од позиција на градоначалник не беа поштедени и другите колеги.

„Тој веќе почна со лични навреди кон новинарите што му поставуваа прашања. Значи, на настан, на јавен настан, му поставуваат прашања, тој враќа со зборовите: Вие сте шарлатани“, објаснува Даскаловска.  

Џабир Дерала од невладината Цивил објаснува дека ваквото однесување го спроведе една структура на моќ која има врска со политиката или е директно прозилезена од неа. И тоа траеше цели 11 години.

„Властите, едноставно, ги претворија медиумите во трипод, во сталак за микрофон. За нив, медимуите не беа окото на јавноста, напротив. Окото на јавноста го затворија и ги претворија медиумите во сталак за микрофон, во кој тие можат да зборуваат непречено.“, вели Дерала.

Новата влада во Македонија, избрана по 27-ми април, ветува транспарентност. Зборува за поинаков однос кон новинарите и кон медиумите воопшто. Меѓу првите одлуки беше да се симне тајноста на некои информации и да се олесни пристапот до информации за новинарите. Па, има ли промена во односот на власта кон новинарите?

„Има разлика во однос на тоа што никој така брутално не спроведува политика. Се надевам дека во однос на уредниците и сопствениците работата е подобрена“, вели Созен.

„Тврдам. Кога се во опозиција, политичарите се многу транспарентни и отчетни. Во кое било време да ги побараш ќе ти се јават, па ќе ти кажат, па ќе ти дофрлат нешто, па и самите ќе бидат свиркачи. Но, доаѓаат на власт и таа транспарентност трае месец до два. И ги нема веќе, готово.“, објаснува Даскаловска.

Сите  соговорници се согласуваат дека ќе треба време за нештата да функционираат како во секоја демократска земја. Наташа Стојановска вели дека сега не смее да се дозволи 27-ми април да се заборави.

„Неказнивоста, што се случи на 24 декември во Собранието, кога ги извлекоа пратениците, и нас новинарите, доведе до 27-ми април“, вели Стојановска.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ