Преполовен или зголемен бројот на затворениците – штрајкувачи?

Преполовен или зголемен бројот на штрајкувачите во затворот „Идризово„? Управата и затворениците со различни цифри за лицата кои се обидуваат со глад да издејствуваат амнестија, односно да бидат опфатени со Законот за помирување што се подготвува во Собранието. Директорот на затворот тврди дека, од 600 затвореници кои вчера го почнаа штрајкот, денеска само 330 одбиле да земат храна. Бројката ја потврдуваат и од Управата за извршување на санкции, кои, пак, велат дека затворениците всушност не се гладни, затоа што добиваат храна од нивните семејства. Но, еден од затворениците со кого стапивме во контакт, ги демантира. Тврди дека над 800 лица штрајкуваат, а за да ги отстранат сомнежите дека не гладуваат вистински, ги вратиле и пакетите што им се испраќаат од дома.

Затворениците се револтирани од одбивањето на премиерот да им излезе во пресрет и неговата изјава дека не може пак да има општа амнестија, затоа што таков закон беше донесен пред само неколку месеци, а се носи на секои 4 до 8 години. Тврдат дека таа амнестија не била општа, туку селективна.

Иако имаше најави за штрајк и во затворите во Прилеп и Штип, засега нема официјално известување до Управата. Денеска министерката за правда, пак, го поддржа ставот на премиерот, дека не може повторно да има општа амнестија.

Со Законот за општа амнестија што беше донесен на почетокот на годината, беа амнестирани 815 затвореници, осудени на казна до пет години затвор. На над 3.000 лица, пак, казната им беше намалена за 30 проценти. Законот не важи за лицата осудени за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, за силување, педофилија, посредување во вршење проституција, за злосторничко здружување, како и за кривични дела против државата.

Во знак на поддршка, семејствата на затворениците во петок ќе протестираат пред владата.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ