
Џафери: Уставните измени ќе се гласаат на 15 јануари
Конечното гласање на четирите уставни амандмани во Собранието би требало да се случи на 15-ти јануари. Комисиската расправа би почнала на 17-ти декември, кога се отвара и можноста за поднесување амандмани на амандманите. Без оглед на нивниот број, расправата за секој амандман одделно се исцрпува во рок од три дена. Врз основа на деловничките правила, вакви се проекциите на спикерот Талат Џафери. По средбата со албанскиот колега Грамоз Ручи, Џафери рече дека сите што се вклучени во парламентарното мнозинство и во институциите што се носители на обврските кои произлегуваат од спогодбата со Грција, повикуваат на внимателност во оваа завршна фаза.
- Таа загриженост не е во смисла дека некој не верува во некого туку се однесува на сите постапки и случувања околу функционирањето на институциите и затоа е апелот за да се има внимание во постапките понатаму за да не се провоцира ситуација којашто би била спротивна од определбите за исполнување на договорот во завршна фаза, рече Талат Џафери, Претседател на Собранието на РМ.
Оваа изјава Џафери ја даде откако претседателот на ДУИ Али Ахмети вчера во радио интервју рече дека чувствува немир во врска со уставните измени. Стравува дека поради невнимание на институциите, целиот процес би можел да биде повреден токму во оваа последна фаза. За менување на Уставот, неопходни се 80 пратенички гласови. Во првата фаза, неопходната поддршка на осум пратеници од опозицијата беше условена со четири точки, меѓу кои, формирање Тело за помирување, од кое сега се очекува предлог закон за помирување или амнестија.
Соња Николовска