Недозволеното реемитување продолжува – од ХРТ велат – програмите за кои немаме права за странство се кодирани

Кабелските оператори продолжуваат со недозволено реемитување на регионалните ТВ канали. И минатата недела дел од нив продолжија со непочитување на авторските, сродни и лиценцни права. Кај два кабелски оператори беше забележано дека реемитуваат програма за која е очигледно дека регионалната ТВ станица за нашата држава нема соодветни права.  Станува збор за серија која се прикажува на хрватската телевизија, а за која на сајтот на ХРТ јасно стои дека е кодирана за сателитска програма. Тоа е потврдено и во допис од ХРТ  до Македонската медиумска асоцијација која ги обединува шетте телевизии со национална концесија, пшто ја отвора дилемата – за незаконско декодирање на странски програми. Од хрватскиот јавен сервис, велат, авторските и сродните права за емитување на програмските содржини ги решаваат на различни технички платформи, односно подрачја, и во согласност со договорените права, програмските содржини на ХРТ се достапни, односно не се достапни.

„На нашата веб страница се јасно означени програмските содржини кои ХРТ ги затемнува за емитување на сателит, и со тоа истите ги прави недостапни. Значи, ХРТ кај сателитскотго емитување на сателитските содржини самостојно ги затемнува програмските содржини за кои ги нема регулирано сите права кон трети субјекти. Овие податоци се јавни и им се достапни на сите корисници. ХРТ емитува програм во странство единствено по пат на сателит и самостојно ги затемнува програмските содржини за кои не ги има регулирано сите права кон трети лица“, велат од ХРТ.

Додаваат дека ЕБУ Кабел координација, чија членка е ХРТ, со ТВ кабелските оператори има склучено генерални лиценцни договори, за условите околу реемитување на програмските содржини на членките на ЕБУ, кои подразбираат строго дефиниран опсег на лиценцирани права.

„Во согласност со лиценцниот договор ЕБУ кабел координација ги отстапи на кабел опараторите правата на реемитување само на оние програмски содржини за кои се решени авторските и сродните права спрема трети субјекти. ЕБУ кабел координација, која ги застапува јавните телевизии, не ни можела да пренесе на кабел операторите повеќе права отколку што тоа им припаѓа на јавните телевизии“, потенцираат од ХРТ.

Со овој допис од ХРТ, Македонската медиумска асоцијација најавува дека ќе поднесе поголем број кривични пријави против кабелските опаратори, со цел овој проблем на сивата зона на реемитување конечно да биде надминат.

Двата кабелски оператори, Оне Вип и Телекабел, сеуште немаат одговор како ја реемитувале серијата „Се за момчето“, бидејќи таа е кодирана и ХРТ нема права за неа за Македонија.

На бурната расправа која минатата недела се водеше во Агенцијата за медиуми, претставниците на кабелските опаратори излегоа со објаснување дека однапред не можат да знаат дали ХРТ ги има регулирано сите права за земјава. Тоа е сосема нелогично, со оглед што на официјалниот сајт на ХРТ е јасно назначен за која емисија ХРТ има или нема права за странски земји. Тие и во својот допис јасно укажуваат дека овие податоци им се јавно достапни на сите корисници.

„Ние не можеме однапред да знаеме дека ХРТ ги има регулирано сите права за РМ, ние можеме да веруваме. Тие се одговорни, нивна е програмата. Во случај на спор, се решава на СУД. Ние правиме копи пејст“, вели Благој Христов, Телеком.

Жестоката дебата во АВМУ за измените на Правилникот од Законот за медиуми што го предложи ММА заврши скандалозно. ММА побара да се стави крај на кршењето на авторските права, како и самите телевизии, но и кабелските опаратори, да ги стават на увид договорите за странска програма или канали, но кабелските оператори тоа го одбија и се обидоа да се мешаат во уредувачката политика на националнките телевизии, по што нивните претставници ја напуштија расправата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ