Заедничко чествување со Бугарија на Кирил и Методиј и на Прличев

Денот на светите Кирил и Методиј секоја година во Рим ќе биде заеднички одбележуван од претставници на македонската и на бугарската држава. Овогодишната проба, кога премиерите Заев и Борисов имаа заедничко поклонување, ќе стане редовна практика.

Ваков договор постигнаа македонските и бугарските историчари, издигнувајќи ги светите браќа на едно повисоко христијанско, цивилизациско и наднационално ниво, вели претседателот на Комисијата, Драги Ѓорѓиев. Договорено е и заедничко одбележување на годишници поврзани со животот и творештвото на писателот Глигор Прличев, но останува проблематична припадноста на цар Самуил, како и големиот број настани и личности од 19 и 20-от век.

Паралелно, се ревидираат и десетина учебници по историја. Анализата ја опфаќа литературата за шесто и седмо одделение во Македонија и за петти и шести клас во Бугарија. Од учебниците треба да се исфрлат иредентистички и милитаристички содржини, кои кај ученикот предизвикуваат чувства на историска жртва или на победник, вели Ѓоргиев.

Историчарите се согласиле дека корекции треба да има и во картографијата.

Наредната средба на Комисијата е планирана за февруари. Во текот на овој месец, доколку се одржи планираната заедничка седница на двете влади, ќе биде презентиран извештај за напредокот. Ѓоргиев е убеден дека во рок од една година, резултатите од работата на оваа стручна комисија, ќе станат целосно видливи.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ