
Јадете овошје и зеленчук додека да стигнат маските порачуваат здравствените власти
Јадете повеќе зеленчук и овошје и не излегувајте надвор ако не морате. Здравствените власти како и секоја година, понудија препораки против загадувањето.. Се оправдаа дека не можат да преземат други мерки.
Сезоната на загаден воздух е во полн ек, а од Министерството за здравство се уште се организираат како да ги поделат специјалните маски кои ги најавија.
- Во овој момент анализираме како да се дистрибуираат. Бројката за која стигнавме до заклучок дека треба да се набави е 50.000. Ние сега ќе ја започнеме таа постапка. Лица коишто работат на отворено, колку што е можно да им се ограничи таа активност. Се препорачува земање на храна која содржи антиоксиданси, материја која има позитивен ефект. Најмногу го има во зеленчукот и овошјето, порачува министерот Филипче.
- Ова е улогата на здравствениот сектор – препораки до граѓаните и промоција на проблемот меѓу граѓаните меѓутоа и во Владата каде што ги поддржуваме оние мерки коишто другите сектори ги имплементираат на локално и централно ниво. Од здравството не очекувајте повеќе, вели Драган Ѓорѓев – Институт за јавно здравје.
Од Светска банка изброиле дека годишно и до 1300 смртни случаи во Македонија се последица на аерозагадувањето.
Од Институтот за јавно здравје се уште не знаат колку луѓе заболуваат поради дишењето на отровите.
Во меѓувреме, мерните станици кои не се расипани, мерат екстремно загадување освен во деновите кога ветер го расчистува воздухот.
Од Владата се убедени дека нивните мерки даваат резултат.
- Моментално мерките коишто ги преземаме мислам дека се секојдневно видливи, иако целосно се сложуваме со сите граѓани на Република Македонија дека ситуацијата е таква каква што е, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Засилени инспекции на терен и чистење на дивите депонии се меѓу главните мерки на властите. Сепак, мерењата на Светската здравствена организација покажале дека Скопје, Битола и Тетово се три од петте најзагадени градови во Европа.
Петар Догов