
Мицкоски обвинува дека МВР без причина малтретира активисти, полицијата демантира
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека минатата недела, по протестот на партијата, полицијата со оружје влегла во домовите на петнаесеттина активисти и отворени поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ. Тврди дека, претрес е вршен без причина, кај чесни, обични луѓе кои отворено ја критикувале власта. Дел од нив биле и приведени во полициска станица, од, како што вели, банални причини.
Со специјалци, огнено оружје во домовите на честити луѓе, домаќини, но однеднаш за соседите, и согласно употребената полициска сила стануваат сомнителни поединци за кои има „сомнеж за антидржавно делување“. Еден од нив има три деца, а можете да замислите каков надреален трилер е само за неговите малолетни деца кога специјалци вооружани прават претрес во детската соба затоа што единствен грев на неговиот татко е што мисли поразлично од власта, другиот го задржале во полициска станица зошто имал чаура зачувана од неговата свадба пред повеќе од десетина години, другиот сомнително им изгледал, а тоа според полицијата на Спасовски е тешко кривично дело во обид, напиша Мицкоски на фејсбук.
Од МВР демантираа дека акциите се политички мотивирани.
Полицијата, по смената на раководството минатата година, работи професионално и исклучиво врз основа на законите. Согласно надлежностите, се преземаат различни акции, но ниту една не е мотивирана од политички мотиви, туку исклучиво за санкционирање на одредено криминално делување, со цел подобрување на безбедноста на граѓаните. На тој начин полицијата ќе продолжи да работи и во наредниот период.
Од ВМРО ДПМНЕ најавија протестен марш оваа недела во Кочани и протест во среда во Скопје.
Далиборка Дамјанска Цветановска