
Захариева: Реално е преговорите со Македонија да почнат до јули
Бугарското претседателство е охрабрено од текот на преговорите меѓу Македонија и Грција, чиј резултат би овозможил отворање на пристапни преговори меѓу Брисел и Скопје, изјави Бугарската министерка за надворешни работи Екатарина Захариева.
Во своето обраќање на надворешнополитичкиот комитет на Европскиот парламент, Захариева вели дека е многу реално преговорите со Македонија да започнат за време на бугарското претседавање со ЕУ , но „секако да го видиме извештајот во кој ќе биде вклучен и акциониот план 3-6-9 и кој е поврзан со реформите во администрацијата, разузнавачката служба и судскиот систем“, рече таа.
Таа потврди дека Западен Балкан е најважен приоритет на шестомесечното бугарско претседателство со ЕУ, истакнувајќи дека регионот е многу важен за целиот континент.
– Цврсто веруваме дека нема стабилност ниту безбедност во Европа без стабилност и безбедност на Западен Балкан, рече Захариева.