Складирањето на нафтените резерви уште е без пари – Владата ветува за неколку месеци ќе го реши проблемот

Владата ветува дека за неколку месеци ќе го реши проблемот со надоместокот за приватните компании кои сега ги чуваат државните нафтени резерви, а за тоа не добиваат ниту денар. Тврдат дека во моментов во фаза на подгововка е измената на Законот за задолжителни резерви на нафта и деривати, кој треба да се усогласи со новиот Закон за енергетика, кој веќе е на сила во земјава. Согласно овој закон, министерот за економија треба да донесе правилник, со кој треба да се пропишат условите на објектите за складирање.

Во моментов има само 65 отсто од законски пропишаните резерви на нафта и нафтени деривати, што значи дека недостигаат околу 35 отсто, но Владата тврди дека ќе се најде солуција.

Како што е познато, приватните нафтени компании, Макпетрол, ОКТА и Лукоил, со години ги чуваат државните резерви со нафта, но бидејќи за тоа никогаш досега не добиле надомест, најавуваат дека ќе престанат да ги чуваат државните резерви. Дали Владата е свесна дека поради тоа државата може да се соочи со недостиг од потребните државни нафтени резерви и состојбата да стане алармантна. Од таму тврдат, нема да дозволиме состојбата да ескалира.

Во оваа фаза подготвуваме измени на З за задолжителни резерви, кој ќе се усогласи со новиот закон за енергетика, и ќе се реши проблемот. Оваа регулатива, ова усогласување, треба да се направи во наредните неколку месеци, со што ќе се надмине состојбата. Но Влчадата нема да дозволи состојбата да стане алармантна, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Влада на Република Македонија.

Инаку, граѓаните со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 30 до 89 дени за нафтените резерви, па по оваа основа државата годишно собира околу осум милиони евра, но фирмите што ги чуваат резервите, со години не добиваат никаков надоместок.

Не само што ги чуваме резервите „гратис“, бидејќи нема друг капацитет каде што би можеле да се чуваат, туку и во нашите договори не е прецизиран рок до кога имаме обврска да ги чуваме, што е апсурдно. Начинот на кој добиваме „компензација“ за чување на резервите е застарен, потекнува од времето на СФРЈ, и вели дека компанијата која ги чува резервите „има право да користи до 30% од нив во текот на годината, под услов тие во целост да бидат вратени до 31.12, вели Јанис Геруланос, главен извршен директор на ОКТА.

Проценките говорат дека приватните компании годишно трошат по 3 до 4 милиони евра за чување на државните резерви на нафта во своите резервоари.

Од Дрирекцијата за задолжителни нафтени резерви велат дека за Уредбата за надоместокот на компаниите прво треба да даде согласност Министерството за финансиии, кое треба да ја утврди неговата висина, по што уредбата ја предлага Дирекцијата, а за неа финалната одлука ја носи Владата. Од министерството за финансии досега нема конкретен став кога ќе се надмине ова прашање.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ