
Се редат истраги за „Крвавиот четврток“, одреден притвор за екс директор на УБК (видео)
И екс директорот на УБК Владимир Атанасовски заврши в притвор за крвавиот четврток. Откако пред два дена во судница тројца обвинети го посочија како еден од инволвираните во инцидентите, вчера доцна вечерта обвинителката Вилма Рускоска побара притвор. Го гони за дело Здружување заради непријателска дејност и се соочува со казна затвор од минимум четири години. Во истите сведочења беа споменати и Никола Бошковски од петтата управа кој е избеган во Грција за дела на СЈО, но и Синиша Алексовски од кабинетот на претседателот Иванов. Рускоска вели дека не може да се споредат нивните активности.
По сведочењата на браќата Стефан и Михаил Младеновски и Захарие Симовски Рускоска отфвори истрага за Атанасовски. Во неколку наврати тие во своите искази потенцираа дека тој како директор на УБК ги испланирал и поддржал инцидентите за крвавиот четврток, а преку Бошковски и Александар Василевски Нинџа ја координирал. За одбраната несфатливо е како обвинителката и судот им веруваат на луѓе кои се обвинети за дело со казна доживотен затвор.
Инаку и адвокатот на Младеновски и Симовски тврдеше дека се изненадил од исказите на своите клиенти кои сепак одлучиле како што рече да се бранат со тоа што ќе ја кажат целата вистина за крвавиот четврток. Изненадена била и обвинителката. Утре е на ред да сведочи Александар Василевски – Нинџа кој во своја одбрана како сведок го повика брат му Благоја Василевски. Тој е човекот од чиј телефон стигнал повикот од Виена, каде бил во улога на телохранител на екс премиерот Никола Груевски. Според обвинителството токму тој повик го означил стартот на крвавиот четврток. За сега се уште нема обвинение за организаторите, се уште е во истрага.
Билјана Николовска