
14 невладини бараат политичка одговорност за бегството на Груевски
14 невладини организации бараат отчетност и одговорност на функционерите за бегството на Никола Груевски. Како одговорни се посочуваат Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање и Кривичниот суд за што се неопходни итни и темелни истраги за нивното постапување.
Бараме истрагите итно да завршат, и тоа во рок од 10 дена, и да се утврди одговорност за пропустите, евентуалното непостапување или соучество. Во спротивно ќе бараме политичка одговорност на највисоките функционери. Апелираме да не се подрива ЕУ перспективата на Македонија, која зависи од владеењето на правото. Потсетуваме дека избегнувањето на правдата ја урнисува надежта на граѓаните во демократијата, за која народот се бореше со години, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во отвореното писмо, невладините тврдат дека непреземањето на никаква одговорност и покрај индициите за сериозни пропусти, ги зголемува сомнежите дека не постои воља за утврдување на вистината. Анализата ја темелат врз повеќе заклучоци. За време на постапките против Груевски не била определена мерка притвор, за што одговорноста може да се лоцира во Јавното обвинителство и судот доколку се докаже дека имале сериозни и поткрепени информации дека тој ќе избега. Ненавремени се и информациите за подигање во банка на поголеми износи на пари во готово. Се бара итно преиспитување на функционалноста на органите на прогон, граничните служби и судските власти.
МВР и натаму молчи и не соопштува до каде е истрагата и кој ќе сноси одговорност.Судскиот совет и Кривичниот суд продолжуваат со меѓусебната преписка. Претседателот на советот Зоран Караџовски испратил уште едно барање до судот од кој бара одговори за процедурата околу бегството на Груевски.
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев во телефонски разговор ни изјави дека судскиот совет нема надлежност да истражува и да бара информации како што барал за случајот за бегството на Груевски. Увид во предмет може да се побара само доколку е поднесена преставка од страна на граѓанин, а во конкртениов случај такво нешто нема.
Јулијана Пешевска