
Домашните добавувачи почесто да тропаат на вратите на странските инвеститори
Домашните добавувачи треба почесто да тропаат на вратите на секој странски инвеститор. Странските инвеститори сакаат да соработуваат, но нема голем интерес од страна на македонските фирми. Ако добавувачите ги рекламираат своите услуги и производи добиени со европски стандарди за квалитет, гарантирам дека сите ќе им отворат, вели првиот човек на Советот на странски инвеститори Штефан Петер.
Логично за секој менаџер е да соработува со локалните добавувачи бидејки е поевтино, поефикасно и побрзо. Има многу предности што треба да се зграбат, но само ако се нуди квалитет. А квалитетот не може да биде добар или лош, туку тоа што го бара клиентот. Соработката оваа година беше добра но во 2019 сакам почесто да слушам тропање на вратите, рече Петер.
Проблемите со кои се соочуваат компаниите внатре во ТИР зоните, во иднина до владата ќе ги адресира новоформирана Асоцијација на компании со технолошки напредно производство. По предлог на странските инвеститори за нејзин претседател е избран Виктор Мизо, долгогодишен прв човек на Дирекцијата за ТИРЗ во владата на Груевски а сегашен прв човек на фабриката Костал. Од него сега се очекува да ја следи бизнис логиката и да ги артикулира потребите на инвеститорите.
Секој има некакви искуства од минатото и не мора секогаш да се зема предвид на која страна сте, туку сите треба да ја имаат истата цел, подобри бизнис услови за сите. Врз основа на личното искуство, ако некој ме назначи за нешто, 100% влегувам во таа позиција без да се навраќам на таа што сум го работел претходно. Секој бизнисмен што сака да е успешен, треба да го следи ваквиот пример, порачува Петер.
Дали и колку Брегзит ќе влијае на македонските компании според Петер е рано да се каже, бидејки главните последици во пракса ќе се видат во месеците што доаѓаат. Во однос на даноците Советот на странски инвеститори бара земјата да се насочи кон предвидливост и фер оданочување, бидејќи бизнис околината не е детерминирана само од даночните прашања. Даноците се нешто што никој од бизнисите не го сака, но ако предвидливоста и фер пристапот кон даноците е гарантиран за компаниите, вели Петер, оваа киселкаста таблета лесно ќе се проголта.
Виолета З. Стојановска