Легнаа 500 милиони евра од еврообврзницата, продолжува и домашното задолжување

Петстотини милиони евра од новата еврообврзница која Владата ја издаде пред десетина дена, веќе се легнати на сметката на државава во Народна банка, потврдуваат за Телма од Министерството за финансии.

Во меѓувреме, продолжуваат и задолжувањата на домашниот пазар. Финансии денес позајми 24 милиони евра, второ годинава, а веќе утре и во понеделник со парите ќе врати стари долгови.  Поголем дел од новиот заем ќе се отплатува 15, а остатокот после една година.

Од Финансии велат дека со Буџетот е предвидено финансирањето на буџетскиот дефицит годинава и отплатата на стари долгови, да се покрие од надворешни и од домашни извори.

„Согласно Буџетот, предвидено е максимално нето-задолжување на домашен пазар од 5,45 милијарди денари. Максималното нето-задолжување во 2018 со државни хартии од вредност е за околу 6 милијарди денари пониско од оствареното во 2017 година. Kомбинацијата на домашни и странски извори за покривање на потребите за финансирање е стандардна пракса“, велат од Министерството за финансии.

Експертите сметаат дека домашните задолжувања се најверојатно потребни заради тековни притисоци за финансирање.

„Сега, овие тековни фрагментирани нови задолжувања на домашниот пазар, јас повеќе ги гледам како потреба и веројатно причина за нив се тековните фискални притисоци што ги има буџетот, инаку не би имало логика покрај тоа рамковно задолжување од половина милијарди евра, пак да продолжиме да се задолжуваме тековно за измирување на втасаните обврски. Веројатно тие притисоци се задоцнетите неисплатени плати, некои задоцнети неисплатени трошоци, трансфери по разни социјални фондови и слично“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Кога Владата ја издаде еврообврзницата, ние тоа го поздравивме, вели академик Беџети, особено што е со најниска цена, но и затоа што ќе се остави повеќе простор за кредитирање на компаниите.

„Очигледно, со вакви интервенции и повремени повторни задолжувања, Владата веројатно на некој начин ќе ги исцеди, односно ќе ги истиснува и тие ресурси од домашни извори. А, доколку се повторуваат, се доведува во прашање интензитетот и динамиката на јавниот долг на државата, по основ на фискалната стратегија за оваа и наредните две години“, вели академик Беџети.

На крајот на третиот квартал годинава јавниот долг на земјава беше на ниво од 4,69 милијарди евра или 45,8 отсто од БДП.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ