Судскиот совет ќе бара автентично толкување за судиите „осомничени“ за бегството на началниците на УБК?

Советот за факти замина во историјата, но до државниот судски совет достави предметите за судиите кои со одлуката за одложен притвор им овозможија на екс началниците во УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски да избегаат од македонската правда. Но, проблем според претседателот на судски совет Зоран Караџовски е што да се прави со тие предмети- бидејќи законот не бил прецизен со терминот подносител на барањето за разрешување на судиите.

Кога ќе им биде протолкувано на членовите на судскиот совет како да се снајдат во новата ситуација, ќе се знае што ќе биде и со вкупно 10 судии од Апелација и од Врховен суд, заедно со претседателот на Врховниот Јово Вангеловски. Сите тие беа посочени во барањето за одговорност поради бегството на началниците обвинети за нелегално прислушување. Грујовски и Бошкоски избегаа, но беа фатени во Грција, а во прв степен веќе е одобрена екстрадиција.

Во Судскиот совет има уште една постапка за Вангеловски- за него и неговите колеги врховни судии се бара одговорност поради тоа што го прифатија барањето за заштита на законитоста за притворот на Сеад Кочан, иако беше поднесено од државниот обвинител, а не од СЈО кое го гони сопственикот на Трансмет.

Со барањето за автентично толкување, постапката ќе се оддолжи. Веќе долго трае и постапката на судскиот совет за строго доверливиот извештај за злоупотребите со АКМИС системот односно со местење на подобни судии за судења во најголемите судови во државата. Бидејќи е доверлив извештајот засега го гледаат само оние членови на судскиот совет кои имаат безбедносни сертификати, бидејќи некои од нив воопшто не ги барале, а други уште чекаат одговор од надлежните служби.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ