Засега нема амандмани за Законот за употреба на јазиците

Пратениците од СДСМ уште немаат донесено одлука дали ќе поднесат амандмани на членовите од Законот за употреба на јазиците, на кои претседателот на државата има забелешки. Велат дека забелешките ги добиле вчера попладне и им треба време да ги разгледаат, по што ќе  донесат конечен став. На ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа законот да биде повлечен и доработен во консултации со експерти, им порачаа барањата да ги преточат во амандманска форма.

Од ВМРО-ДПМНЕ се уште немаат најавено амандмани, а не се знае ниту дали ќе присуствуваат на седницата во понеделник, на која законот повторно ќе се разгледува. Освен негово повлекување, тие вчера побараа, на текстот да работат работни групи составени од експерти од различни области, кои треба да стигнат до решение што нема да се коси со Уставот.

Од владата веднаш одбија да го повлечат законот со образложение дека е целосно во согласност со Уставот. Во  понеделник, пратениците ќе ги разгледуваат и забелешките на Претседателот, како и амандманите што евентуално ќе бидат поднесени. Во второто читање на законот, СДСМ имаа пет амандмани, а ВМРО-ДПМНЕ 90, но не беа ниту разгледани, затоа што во предвидениот рок расправата не се помрдна од првиот амандман на БЕСА.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ