
Штипското училиште „Тошо Арсов“ 14 години чека на реконструкција
Скршени и дрвени прозорци од кои постојано има провев, во вакви услови учат учениците од шест до 14 години во штипското основно училиште Тошо Арсов. Родителите се револтирани што секоја година нивните деца во текот на зимата на часовите треба да седат во зимските јакни. Тропнале на сите врати да бараат решение. Одговорите што ги добиваат се дека на случајот се работи, но, секоја година си остануваат истите овие прозороците и вратите, стари над 40 години.
Директорката на училиштето, „Тошо Арсов“, Фросина Маџарова забележува дека наставниот кадар над 14 години чекаат на реконструкцијата. Покрај тоа што имаат трошоци за нафта, во текот на зимата треба да набавуваат и нови греалки за да ги затоплат училниците за нормална настава.
Телма пред неколку месеци го презентираше проблемов. Училиштето неколку години нананазад влегува во Програмите на Министерството за образование, но секогаш има по некоја пречка, којашто го остава без нови прозорци.
Над 10 милиони денари чини промената на скршените прозорци во ова училиште. Од Општина Штип забележуваат дека и тие постојано бараат од ресорното министерство да се реализира проектов, во интерес на 800 ученици од прво до деветто одделение во училиштето „Тошо Арсов“.
Викторија Јованова