
Пукотници во Тетово, нема повредени
Истрелите од огнено оружје завршувале во угостителските објекти долж булеварот Маршал Тито. Куршумите само ги оштетиле изложните стакла, никој не бил погоден, гостите во паника ги напуштиле локалите од нивниот заден дел.
Се започнала во ова казино, каде две групи започнале вербална расправија која продолжила и на пешачката зона и истата преминала во вооружена престрелка.
Инволвирани во инцидентот според полицијата се десетина лица. Расправијата и меѓусебната вооружена престрелка започнала меѓу 43 годишниот ДМ од тетовско Лавце и 43 годишниот БД од Тетово од една, и тетовецот НМ на возраст од 43 години од друга страна.
По пукањето со полициски ленти полицијата го блокираше булеварот Маршал Тито како и дел од тротоарот покрај еден ресторан во кој завршија истрели огнено оружје. По неколку часа потрага, приведени се четири лица а распишана е потерница и по десетина други.
За нецела недела ова е втора претсрелка во централното градско подрачје. Едната се случи на булеварот Благоја Тоска сред бел ден, откако учесници во сообраќајка недоразбирањата ги решаваа со пиштол , а синоќа се користеа и калашникови на едно од најфрекфрентните места во градот.
Граѓаните велат дека зачести употребата на огнено оружје во Тетово, каде веќе и не се чуствуваат безбедни.
Полициски службеници и јавен обвинител имаат извршен комплетен увид.Според досегашните неофицијални информации на самото место биле пронајдени повеќе чаури за пиштол и калашников калибар 9 и 7,62 милиметри, две возила и други траги што биле подигнати за вештачење. Се работи на целосно расветлување на случајот.
Зоран Димовски