
Инспекторите казнуваат без опомени
Без разлика кој е на власт, инспекторите и натаму изрекуваат високи казни на компаниите, без претходни опомени, што им создава секојдневен стрес, реагира бизнисот. Велат дека главна причина за тоа се нејасните закони и бараат прецизни одредби, кои ќе го елиминираат човечкиот фактор, а не инспекторите субјективно да оценуваат дали во одредена компанија има прекршоци или не.
„Во голем дел од одредбите има можност да се изречат јавни опомени, за компаниите да ги отстранат неправилностите, а не да бидат веднаш глобени. Но, бидејќи тоа е можност, не се применува, затоа бараме со законските измени да биде задолжителна прво таа опомена, едукација, па ако компанијата не се усогласи, да биде глобена“, вели Данала Арсовска, претседател на Сојуз на Стопански комори.
Од вкупно 29 инспекциски служби, компаниите најмногу се соочуваат со инспекторите на УЈП, Пазарниот, Трудовиот и Санитарниот инспекторат. Надежите на фирмите се насочени кон новиот закон за инспекциски надзор кој власта го подготвува, и бара мислења од бизнисот.
Коморите ќе им помагаат на фирмите преку јавни листи за проверки, самите да видат дали се усогласени со законите.
„Ова особено се однесува на малите фирми, од по 3,4 вработени, кои немаат доволно капацитет да ги следат постојаните промени на законите“, вели Љубомир Димовски, Партнерство за подобра бизнис регулатива“.
Наспроти легалните фирми кои се казнуваат, оние што работат во сивата зона, никој не ги чепка, се бара власта да ги лови нелегалните бизниси.
Министерот Манчевски вели – на фирмите им ветивме дека ќе има прво опомени, а со казните нема да го полниме буџетот. Сите инспекциски служби, пред да влезат во некоја фирма, ќе мора прво да им достават листа на барања кои мора да ги исполнат.
„Инспекциските служби ќе прават проценка на ризик, кои компании во кои области се поризични, таму да прават контроли, оние што редовно си ги почитуваат законите, да не бидат под притисок“, вели Министерот за ИО и администрација“, Дамјан Манчевски.
Во земјава има вкупно 1000 инспектори, тие не се доволни, вели министерот, сите служби ќе кажат колку им недостигаат, па ќе се знае колку нови инспектори ќе се вработат.
Нина Нинеска Фиданоска