На премиерот не му се брза со разрешувањето и смената на министрите

На премиерот не му се брза да го разреши министерот без ресор, Аднан Ќахил, ниту, пак, да ја реконструира владата. Барањето на претседателот на ПДТ, Енес Ибрахим, кој деновиве го исклучи Ќахил од партијата, за него не е приоритет.

По оваа изјава на премиерот, Ибрахим вели дека и понатаму ќе бара министерот да биде разрешен, откако деновиве е исклучен од партијата со образложение дека, го нарушува угледот и на политичкиот субјект и на заедницата што ја претставува. Очекува тоа да се случи кон средината на декември, кога ќе заврши седницата за уставните измени.

Во врска со реконструкцијата на владата што неодамна ја најави, Заев сега остава на партиите да си ги повлечат своите луѓе.

Заев не сакаше да го коментира  однесувањето на министрите кои не одат на работа, ниту, пак, на тие кои спијат по комисии. Ова, вели, е прашање за нив. Неодамна се откри дека вицепремиерот, Хазби Лика, шест месеци не се појавил на владина седница, министерот за животна средина, Садула Дураку,  изјави дека не се занимава со граѓаните, а неговиот заменик беше фатен како спие на собраниска комисија, што подоцна го демантираше, велејќи дека, не спиел, туку читал.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ