ЕП ја усвои резолуцијата за Македонија со препорака за почеток на преговори во јуни

Со огромно мнозинство за односно 470 гласа и само 116 против европарламентот ја  усвои резолуцијата на известувачот Иво Вајгл. На дебата пред денешното гласање тој доби по некој аплауз и очекувана критика од грчките европарламентарци. Вајгл побара старт на преговори за членство во ЕУ во јуни. Неизбежна тема беше и унгарскиот азилант Груевски, за што од партијата на Орбан порачаа дека унгарскиот потег најдобро се разбира во контекстот на „миграциските активности и лобирањето на Сорос“. Вајгл рече дека земјата мора да продолжи со исто реформско темпо, но други европратеници потсетија дека не само Македонија, туку и Европската Унија треба да ги исполни своите ветувања.

  • Владата и Парламентот сега пред себе имаат многу важна задача, како прво тоа е спроведување на Договорот од Преспа и уставните измени со кои ќе се заврши долгогодишниот спор околу името, по што ќе може да се почнат пристапните преговори. Навистина се надевам дека тоа ќе се случи во јуни следната година, рече Иво Вајгл, известувач за Македонија.

Владата и Парламентот сега пред себе имаат многу важна задача, како прво тоа е спроведување на Договорот од Преспа и уставните измени со кои ќе се заврши долгогодишниот спор околу името, по што ќе може да се почнат пристапните преговори. Навистина се надевам дека тоа ќе се случи во јуни следната година.

Еврокомесарот Хан истакна дека земјата се врати на евроатлантскиот пат и ги поздрави изгласаните уставни измени нарекувајќи ги храбар чекор кој очекува да продолжи без одлагање.

  • Затоа е потребна демократско-инклузивна атмосфера во земјата. Сите партии и институции треба учествуваат во тоа. Македонија треба да се модернизира судскиот систем, да се почитува владеењето на правото, да се создаде простор за слободни медиуми, да се заштитат новинарите и да се води ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал, рече Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.

Позитивни оценки стигнаа и од пратениците од Романија, земја која го презема претседателството со ЕУ од први јануари.

Кристијан Дан од ЕПП ја повика Грција на повеќе разбирање кон Македонија особено по острите критики на неколку грчки пратеници како Софиа Сакорафа која изјави дека нема да го поддржи извештајот на Вајгл за Македонија.

-Преспанскиот договор не е изводлив, а уставните измени го нарушуваат договореното, рече Сакорафа.

Константинос Пападакис од Комунистичката партија, го оквалификува извештајот на Иво Вајгл како „прекршување на ЕУ“ и „потклекнување пред големиот капитал за интересите на европските монополи“.

-Земја која до вчера не беше подготвена, сега преку ноќ стана подготвена, ова е лудило, изјави Пападакис.

На гласањето сите грчки амандмани беа ортфрлени , како оние, да се избрише зборот “македонски“ од извештајот, и да се вклучи ниската излезност на референдумот за името. Зелените успеаја да го пртнат амандманот со кој се суспендираат проектите во Националниот парк Маврово додека не биде комплетирана “Стратешка проценка за животната средина“, која мора да биде усогласена со европското законодавство за животна средина.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ